Фармацевтскиот гигант „Moderna“ ангажирал поранешен агент на ФБИ да составува интерни извештаи за компанијата за „високоризични“ познати личности, вклучувајќи ја и тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, кои јавно ги критикуваа вакцините против коронавирус.
Фармацевтската компанија со седиште во Бостон која ја продаде една од првите mRNA вакцини против Ковид-19, која беше дистрибуирана до десетици милиони Американци за време на пандемијата на коронавирус, наводно, вработува тим од поранешни службеници за спроведување на законот за да формира „оддел за дезинформации“ коj ги следи реакциите на нивната вакцина.
Веста за постоењето на ваквиот оддел и неговите извештаи први ги открија независните новинари Ли Фанг и Џек Поулсон, пишува „New York Post“.
Според нивните тврдења, одделот нарачал еден извештај со наслов „Ѓоковиќ е крунисан херој против вакцините по победата на УС Опен“.
Ѓоковиќ, кој го држи рекордот на сите времиња за најмногу Грен слем титули, не смееше да учествува на турнирите на УС Опен во 2021 и 2022 година поради неговото одбивање да прими вакцина против коронавирус.
„Moderna“ беше загрижена поради тоа што „противниците на вакцината“ ја слават победата на Ѓоковиќ, што предизвика многумина на социјалните мрежи „да се исмеваат со фактот дека „Moderna“ е спонзор на УС Опен“.
„Перспективата на Ѓоковиќ, чие спротивставување на вакцините го спречи да се натпреварува на УС Опен во 2022 година, враќањето и победата на турнирот спонзориран од „Moderna“, ги зајакна тврдењата дека вакцините се непотребни“, се вели во дел од извештајот.
Дебатата околу Ѓоковиќ „Moderna“ ја оцени како „високо ризична“, а покрај Новак, на листата се и милијардерот и сопственик на социјалната мрежа „X“, Илон Маск, и актерот Расел Бренд.