„Interbrand“, компанија која со децении е еден од најценетите консултанти кога станува збор за развој на брендови, објави уште еден годишен извештај во кој се рангираат 100-те највредни брендови во светот и пазарната вредност на секој од нив.
Ова е веќе 24-та година како „Interbrand“ го спроведува своето истражување, мерејќи повеќе од 100.000 различни критериуми за да добие релевантни резултати. Меѓу топ 50 брендови, 9 од нив се од автомобилската индустрија, а редоследот не е премногу изненадувачки.
Најдобриот бренд и понатаму го има автомобилски гигант „Toyota“, кој според проценките на „Interbrand“ вреди дури 64,5 милијарди долари и се наоѓа на 6-то место на листата на сите брендови во светот.
Само едно место подолу е „Mercedes-Benz“, чија вредност е за околу 3 милијарди евра помалку од „Toyota“, но и повеќе од 10 милијарди од следниот на листата, „BMW“.
На многу високото четврто место е единствената нетрадиционална автомобилска компанија, а тоа е, се разбира, „Tesla“. Вредноста на овој бренд се проценува на нешто помалку од 50 милијарди долари.
Петта е „Honda“, уште една јапонска компанија која својата репутација ја должи не само на автомобилите, туку и на другите производи како мотоцикли и авиони, но и на силниот развој на роботската технологија.
Слично можеме да заклучиме и за 6-от бренд на листата, а тоа е корејскиот „Hyundai“. Благодарение на неговото глобално присуство во речиси 200 земји во светот, со повеќе од 5 илјади дилери, денес „Hyundai“ е име кое вреди повеќе од 20 милијарди долари.
Во топ 10 има и 3 познати германски марки на автомобили, чија вредност е многу слична и изнесува околу 16 милијарди долари. Тоа се „Audi“ на 7-мо место пред „Porsche“ (8-мо) и „Volkswagen“ (9-то место).
И конечно, листата на најголемите 10 ја заокружува еден од најважните производители во историјата на автомобилската индустрија, а тоа е американскиот „Ford“. Неговата вредност е многу блиску до 15 милијарди долари.
Следат „Nissan“, „Ferrari“, „KIA“...
Инаку, генерално највреден бренд е „Apple“, кој е проценет на повеќе од 500 милијарди долари, а потоа следат „Microsoft“ и „Amazon“.