Легендарниот шпански голман Давид Де Хеа (33) сè уште е без клуб откако ова лето го напушти Манчестер Јунајтед.
Де Хеа беше поврзуван со бројни клубови, дури и со шпанскиот второлигаш Елденсе, но сè уште не одлучил каде ќе ја продолжи кариерата.
Очекувано, меѓу понудите кои ги добил била и една од Саудиска Арабија, која Де Хеа ја одбил поради сопругата.
Имено, саудискиот гигант Ал-Наср му понудил на Де Хеа годишна плата од 28 милиони евра, но шпанскиот голман им се заблагодарил и им порачал дека не сака да потпише договор со нив.
Како што пренесува британскиот „The Sun“, Де Хеа ја одбил понудата бидејќи неговата сопруга Едурне Гарсија не сака да живее во Саудиска Арабија.
Фудбалерот и популарната шпанска пејачка се во врска од 2010 година, а се венчаа на 1 јули годинава на Менорка.
Едурне, која ја претставуваше Шпанија на Евровизија во 2015 година, го убедила Давид да ја одбие понудата на Ал-Наср затоа што не сака да живее таму, но и нивната 2-годишна ќерка Јанај да порасне на Блискиот Исток.