„Соништата од Широк Сокак се остварија во Словенија“: Успешната приказна на д-р Ружица Мирчиќ Дорески

Точка

19/11/2023

11:03

17.535

Големина на фонт

а а а

За себе вели дека е чупе од Широк Сокак, жена од акција, во исто време и дисциплинирана и нескротлива. Таква била од секогаш, кога на Широк Сокак во Битола мечтаела да биде докторка во операциона сала, таква е и денес, во Словенија, каде е на висока позиција во реномираната словенечка компанија „Лек Љубљана“, каде успешно раководи со оддел за обезбедување на квалитет на лекови кој покрива над 80 држави во светот.

Ружица Мирчиќ Дорески е лекар, но и магистер по меѓународен менаџмент. Македонка по потекло, денес словенечка државјанка, ценет менаџер во Словенија, почитувана и сакана сопруга и мајка на две деца.

Се почнало во Скопје, каде по доаѓањето од Битола, си ја остварила желбата да биде докторка. Воспитувањето, карактерот и посветеноста, на кои ја научиле нејзините родители и нејзината сестра, ѝ биле еден од животните столбови за време на студирањето на Медицинскиот факултет. Таму го запознала и сопругот Анастас, со кого денес имаат две деца: ќерка 11-годишната Бојана и три години помладиот Олег - нејзините, како што вели, животни напојувачи.

По дипломирањето, специјализирала ортопедија, а паралелно работела како општ лекар.

„Во 2007 конкурирав за стручен соработник во Лек Скопје, представништво на Лек Љубљана во Македонија. Интервјуто за работа го правеа избрани луге од менаџментот на Лек Скопје и претставници од Словенија. Имаше луѓе кои ги препознаа моите квалитети и многу бргу потоа ме повикаа на работа. Таа компанија беше и остана мојата прва професионална љубов во која брзо напредував и станав продукт-менаџер, одговорно лице за фармаковигиланца за Македонија и Косово и во 2010 година станав одговорна за обезбедување на квалитет на лекови во Лек Скопје за Македонија, Косово и Албанија“, ги раскажува Ружица своите професионални почетоци.


А тука всушност почнало се. Во неа, вели, се судирале размислувањата „како да ја напушти медицината“ и „како да ги нахрани интелектуалниот волк во неа и нејзиниот „карактер од акција“. Запишала магистериум по меѓународен менаџмент и тоа ѝ дало нов полет.

Во 2016 година, по една од многуте успешни инспекции кои ги правеле луѓе од Словенија, паднал предлогот - Работа и живот во Словенија.

Со сопругот Анастас, кој е специјалист радиолог, велат дека имаат многу рационален поглед на животот, но сепак не можеле да останат рамнодушни и туку-така да го остават животот во Македонија, каде имале успешни кариери, убав живот, роднини, пријатели... Тоа донело и непреспиени ноќи, консултации со агенции, но и со психолози, педагози, многу семејни анализи...

„Сепак фамилијарната одлука беше ДА за Словенија и тоа се случи во Октомври 2017. Ги собравме сите податоци, најдовме стан, ново школо за Бојана... Се се случуваше многу брзо, сите документи за работа и живот беа средени, а имавме и агенција која ги средуваше сите детали. Сепак, и покрај целата јасност и свесност за донесената одлука, чувствата беа измешани, и среќа и тага, оти не е лесно да правиш детачмент на еден прекрасен период од својот живот. На крај тој наш живот за еден час беше спакуван во 20 картонски кутии и сè во нашиот дом во Скопје доби друга боја, друга смисла…“, раскажува Ружица.

Во октомври 2017 заминале за Љубљана. И после 6 години се таму - успешни, задоволни и среќни.

„Стигнавме во нашата нова дома, а веќе по два дена, на 16 Октовмри 2017, почнав и со нова работа. Почнав како Сениор QА манаџер и бев одговорна за обезбедување на квалитет на лекови во делот за комерцијални операции за сите држави во ЦИС и до 2019 година доста патував и правев инспекции во сите тие држави. Во 2020 станав QА Head на хаб во кој се вклучени повеке од 80 држави низ цел свет, интересно, предизвикувачки баш за моја душа, и ден-денес успешно го водам тој хаб“, вели Ружица.


Кога имаш мир - имаш „свемир“

Работата била тригер да заминат во Словенија, но зошто токму таму, вели - мала земја со многу можности и предности. Нагласува дека не дошле за кариера, но ширината што им ја дале на нивните деца и можностите во Словенија, понатаму сега се клучните нешта кои ги водат по целиот нивен пат.

„Работата ме донесе. Словенија е Европска држава, блиску до Македонија, зелена и безбедна оаза во центарот на Балканот, мал простор по територија кој нуди многу. Таа е единствена држава во светот чие име го содржи зборот Љубов (Love - sLOVEnia). Спој е на четири различни светови - Хрватска, Италија, Австрија и Унгарија, кои се стопуваат во една чудесна хармонија која можете да ја почувствувате во културата, хигиената, гастрономијата, природните убавини...

Ние со сопругот доцна дојдовме и не дојдовме за кариера, но ширината што им ја дадовме на нашите деца и можностите, од тука па натаму, се клучни водилки на цел пат. Словенците се народ со поразличен менталитет од нашиот, секогаш подготвени за поход, народ со спортско срце, ориентирани кон спорт и здрав живот, внимаваат дури и колку вода пијат, што јадат, колку спортуваат, наспроти нашите навики за ребренца и ракија, пакет навики граден цел живот. Но, човек треба да најде некој баланс во животот и мора најпрво да биде помирен во себе. Јас во Љубљана го најдов својот мир, а кога во душата имаш мир - имаш „свемир“, додава таа.


Кога системот функционира: јазик, администрација, плати, менталитет

И Словенија има административни процедури, бирократија, услови, правила, но сè функционира побрзо, посредено...

„Сè тече во еден подобро организиран систем од Македонскиот, систем кој не запира ако се сите услови исполнети. Моето искуство е позитивно. Словенците сакаат да бидат законски заштитени и буквално почитуваат закони. Луѓето кои немаат проблем со почитување правила лесно се интегрираат во таков посреден систем од нашиот - со напомена „без фаќање кривини и барање дупки во законот“. Ние ги следевме правилата, а едно од нив беше мојот сопруг да ја релиценцира својата специјалистичка лиценца и тоа беше уште еден предизвик, но со добра организација, труд и разбирање, сè беше решено“, раскажува Ружица.

Секој почеток е тежок, вели Ружица, но кога целта е поставена се гледа само напред.

„Јазикот секако беше бариера, но цела фамилија добивме пакет по 100 часови словенечки за почетници. Мојата работа е на англиски јазик, а децата се како сунѓери и сè прават преку игра и за два-три месеци веќе зборуваа дури и подобро од мене и сопругот. Многу брзо и без потешкотии се интегрираа во словенечкиот образовен систем и ги стекнаа истите права како и сите останати деца. Одлични ученици се, ќерка ми професионално се занимава со џез балет, син ми сквош и кошарка и веќе собираат и медали...“.


Стандардот во Словенија, вели Ружица, е повисок од Македонскиот за три пати, а основните услови за живот и стандард се на повисоко ниво, но и можностите исто така.

„Си го сакам огништето, но има работи кои се немерливи квантитативно, а многу значат и ги немаме во Макоднија – среден образовен, здравствен, судски систем, разлика во менталитетот, општа хигиена, смиреност во комуникација и отсуство на агресија и нетолеранција на улица, чист воздух, совесен однос кон отпадот... Многу значајни работи кои се вградуваат во карактерот уште од најмали нозе“.

Да се чувствуваш сигурно

Да се биде дел од словенечкиот систем за Ружица значи да бидеш сигурен дека тоа што ти следува ќе го добиеш со сите додатоци кои ти припаѓаат и во точно дефиниран временски период, да имаш можности за личен развој, многу предности и нови димензии.

„Просечна нето плата изнесува 1100 евра, минимална нето месечна плата изнесува 750-800 евра. Можности и перспектива за личен раст и развој има, особено за млад кадар, прекрасни погодности за студенти и можности кои отвораат една друга димензија во систем кој функционира. И секако, тоа што не сте Словенка апсолутно не е пречка за напредок - доколку си квалитетен и вреден ќе бидеш препознаен и награден. Јас сум Словенка, моите надредени дури и ми помогнаа да добијам словенечко државјанство, а последично и моите деца добија словенечко државјанство. Во Словенија има доста Македонци и тоа на водечки позиции, ние сме вреден народ, а секој ги сака вредните луѓе, нели?“, ни раскажа Ружица.


Ружица додава дека кога се има сон како нејзиниот, никој да не се задоволува со она познатото „така требало да биде“, туку дека треба да се биде љубопитен и информиран во животот, а претстојната манифестација „Работа и живот во Словенија“, што ќе се одржи во Скопје, е одлична прилика за тие кои остварувањето на сонот го гледаат во Словенија.

На Македонија ѝ треба промена на менталитетот и почитување на системот

Ружица веќе подолго време „од блиску“ го гледа напредокот на Словенија и од тој апсект вели дека на Македонија ѝ треба критична маса, слога како народ и штитење на сопствените вредности како Македонци, за да биде рамо до рамо со Словенија.

„Промена на менталитетот и поставување здрави основи на секој постоечки систем и почитување на тој систем, да се редуцира малограѓанскиот пристап и да се настојува на ориентираност кон вредности кои ја крепат државата“, смета Ружица.

Нашата успешна приказна ја споделувам за да оставам порака до сите кои имаат соништа ориентирани кон Словенија, додава Ружица, оти таа е прекрасна земја која нуди јасност, ширина, различност и просперитет.



Спонзорирани линкови

Маркетинг