Младата уметница Ѓоргина Спасевска која вели дека „уметноста за неа нема крај“, создаде уникатна изложба со која им овозможи на лицата со оштетен вид да ја искусат ликовната уметност на еден досега – поразличен начин.
Ѓоргина Спасевска е девојката која со право може да кажеме дека направи уникатен спој на сликарството и македонската поезија со изложбата „Допирот има меморија“ која изминатиов период беше претставена во МКЦ.
Ѓоргина за „Точка“ вели дека „овој проект го прави уникатен тоа што македонската поезија е испишана на површината на нејзините уметнички дела со – Брајово писмо“ и дека истиот ѝ овозможил да „ги види предизвиците со кои се соочуваат лицата со оштетен вид од нашето општество“.
Што ни отки Ѓоргина за себе, за љубовта кон уметноста и нејзиниот проект, прочитајте во продолжение.
Сурово е да се ограничуваме себеси со дефиниции и да се гледаме надвор или во некој концепт. Јас сум многу работи и во уметноста и надвор од неа.
Јас сум сето она што ме прави среќна, сето она што не сакам, сето она што ми дава спокој и сето она што ми дава немир.
Уметноста била дел од мене секогаш, не било момент - љубов на прв поглед. Некако секогаш тлеел во мене поривот креативно да се изразам. Детството го поминав цртајќи илјадници слики од човековото тело, дланки, портрети. Би рекла дека уметноста нема крај, само созреваме со тек на време.
Проектот го прави уникатен тоа што македонската поезија всушност е напишана на површината на сликите со Брајово писмо. Оваа техника дозволува освен визуелно, луѓето со оштетен вид тактилно да ја доживеат уметноста на свој уникатен и единствен начин.
Стиховите кои ги одбрав се уметност од зборови кои поттикнале во мене некоја визуелна инспирација.
Дел од стиховите се од богатото творештво на некои од најпознатите македонски автори Петре М. Андреевски, Ацо Шопов, Анте Поповски.
„Сама себеси врата - сама себеси клуч.“ - Анте Поповски;
„Цел живот верував дека е жена
не знаев дека е Бог,
само тој не копнее по ништо.“ - Анте Поповски;
„Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува.“ - Петре М. Андреевски.
Визуелната интерпретација на овие стихови направија совршен спој меѓу две уметности.
Овој проект ми овозможи да ги видам предизвиците со кои се соочуваат лицата со оштетен вид во нашето општество. Самото вклучување во ваков проект им овозможи едно поинакво искуство, и позитивниот исход се забележа на нивните лица, што ми претставуваше особена чест и задоволство.
Да создаваме дела кои ќе ја праќаат пораката. Дела кои позитивно ќе променат барем миг во нечиј живот.
Јас не би ставала географски граници на уметноста.
На светот му треба уметност, кај и да твориме уметноста сама по себе си го наоѓа својот пат надвор од границите.
Да си дозволиме да бидеме присутни и да уживаме повеќе во моментот. :))