Нашите шест кандидати за Евросонг 2022, за Точка: „Музичето ептен си вози“, „Реакциите се НЕРЕАЛНИ“, „Луѓето конечно дознаа дека сум од Македонија“

Точка

01/02/2022

22:41

244.399

Големина на фонт

а а а

МРТВ минатата недела ги објави шесте кандидати што се во трка за македонски претставник на Евросонг 2022, во Торино, Италија.

Сите шест натпреварувачи се претставија со песна на англиски јазик, а веќе 'на големо' е во тек гласањето на публиката, пред стручното жири да го даде својот 'суд' и да дознаеме кој ќе нè претставува оваа година на Евровизија.

Се разбира, откако ќе ги прочитате одговорите на вашиот фаворит, може да си гласате ТУКА.

Лара Иванова, Виктор Апостоловски, Андреа, Ris Flower, Кали или Yon Idy?

Им поставивме неколку прашања на нашите кандидати - какво им било чувството кога првпат ја слушнале песната со која се пријавиле за избор на Песна за Евроизија, какви се реакциите од гласачите, зошто да гласаме токму за нив, и крајно - дали секој од нив смета дека токму тој ќе нè претставува на Евровизија?

Виктор Апостоловски - „Supermen“

„Да ти кажам искрено, бев пријатно изненаден кога првпат ја слушнав Supermen! Прва соработка ми е со Дојчин и реално не очекував да слушнам нешто вака свежо и ново! Музичето ептен си вози. Добиваме еден тон комплименти и поддршка, што мене многу ме радува. Нормално има и многу негативни коментари, ама и тоа ме радува, пошто вака може да ги размрда луѓето само нешто што носи силна енергија“, искрен е Виктор.

На прашањето зошто да гласаме за него, вели:

„Зошто да не?! Шала настрана, мислам дека имаме песна што носи свежина и што е наменета за таа сцена т.е. за добар сценски настап. Што значи ако сакате сцената да биде жива и дива, гласајте за Супермен“.

Дали Виктор ќе ја претставува Македонија на Евросонг 2022?

„Искрено се надевам! Јас знам дека на сите нѝ е сон и би нѝ било чест да одиме, и не би згрешиле со било кој избор. Ама би било интересно кога би излегле со нешто ново за промена“, заклучува Виктор Апостоловски за Точка.

Лара Иванова - „Flower of Sorrow“

„Песната ми се допадна уште веднаш штом ја слушнав. Моќна балада, која плени со емоции и која дава простор за одлична интерпретација. Реакциите се навистина одлични и пресреќна сум што секојдневно добивам пораки и коментари од многу луѓе кои ме поддржуваат и на кои им се допаѓа мојата песна“, нѝ вели 17-годишната Лара.

„Сметам дека имам квалитетна песна и подготвена сум да го дадам својот максимум за да се претставам себеси и својата земја во најдобро светло“, вели Лара за „Flower od Sorrow“, за чиј текст е одговорен Робин Зимбаков, додека музиката е на Роберт Билбилов.

Ќе победи ли Лара во овој тесен избор?

„Доколку ја добијам вашата поддршка, секако“, вели Лара.

Андреа - „Circles“

„Песната уште кога ја правевме во студио мене ми беше ежење. Значи сѐ некако перфектно се склопи и мелодијата и текстот и емоцијата. Преовладуваше некоја хемија и со самото тоа знаевме дека песнава е посебна. Кога видовме дека имаме можност да конкурираме за Евровизија, без двоумење одлучивме дека Circles е правилиниот избор“, започнува Андреа.

За реакциите на песната од гласачите, односно нејзините обожаватели и следбеници, вели:

„Реакциите од гласачите се н е р е а л н и. Не ми се верува колкава поддршка добивам особено како човек што првпат го гледаат на домашната сцена. Но, искрено, мислам дека со нивната поддршка ќе стигнеме до таа ГОЛЕМА сцена“.

Зошто да гласаме за Андреа?

„Ако гласате за мене, гласате за нешто различно, што воедно значи дека е и ризик. Но, мислам дека е време да ризикуваме ако сакаме позитивна промена. Спремна сум да дадам сѐ од себе и знам дека ако застанам на таа сцена нема да разочарам“, самоуверено вели Андреа.

Дали токму Андреа ќе биде нашиот овогодишен претставник на Евросонг?

„Доколку јавноста ми ги даде поголемиот дел од гласовите и довербата да отидам на Евровизија, подготовките започнуваат веднаш и сите заедно ќе го следиме магичниот процес“, вели Андреа за Точка.

Кали - „Love and Light“

„И сѐ започна од споделена клавир/глас идеја и желба, од страна на Весна Малинова - текст и Давор Јордановски - музика, кои имаа создадено нешто што носи карактер и одговара на мојот за да се соединиме и дооформиме заедно. Авторите ми дадоа одврзани раце да интерпретирам и ја однесам во правец во кој јас се чуствувам најкомотна, поготово кога станува збор за аранжманот каде 'влегоа со глава' Нино Васков и Петар Лукиќ. Така се создаде тимот и во рок од два дена се роди Love & Light. Едноставно се поврзав 'од прва нота'“, вели Кали за својата „Love and Light“.

За реакциите на песната од публиката, вели:

„Тие се разнобојни како моменталните чувства кај човекот. Секој си има свој вкус и фаворит и тоа треба да биде токму така. Сепак музиката е многу субјективна тема и тука не гледам ништо неприродно. Оние на кои им се допаѓа мојата порака ја даваат поддршката безрезервно и искрено, а тоа е сѐ што може еден артист да посака. Органско и неизнудено врзување со публиката, затоа што само тоа е од трајна вредност“.

На прашањето зошто да гласаме за неа, таа за читателите на Точка вели:

„Затоа што така сакате. Моја задача е да бидам доследна до себе и ја кажам вистината, а ако таа порака го помилува вашето увце на начин на кој ви се допаѓа, сме се разбрале. Љубовта вреди само ако се дава безусловно, нотите создадени со трикови и формули немаат долго ехо“.

Ќе биде ли Кали нашиот претставник за Евровизија?

„Ќе биде тоа што треба да биде, а Кали и во и вон Евровизија ќе прави тоа што наумила - музика. Ова е едно вредно искуство на мојот пат и ја ценам секоја една минута од него. Со отворена мисла, голема желба, а без очекувања се движам во насока на сопствената иднина. Секогаш возбудена, и детски нетрпелива да споделам дел од себе со светот “, заклучува Калина Велковска.

Ris Flower - „Flying to Berlin“

„Јас сум автор на мојата песна. Музиката и текстот едноставно сами се појавија во мојата глава. Штом ја фатив гитарата и ги засвирив првите тонови, веднаш знаев дека ова ќе биде добро парче музика. Аранжманот и финалната аудио обработка е направена од моите продуценти од Турција. Презадоволен сум од финалната верзија бидејќи има светски звук кој може да се осети при слушање на прва“, вели Ris Flower.

„Добивам континуирана поддршка од моите следбеници на социјалните мрежи. Велат дека песната влегува лесно во уво и им прави да се чувствуваат пријатно. Постојано и насекаде ми пристигнуваат скриншоти од гласањето. Сето ова за мене е многу интересно и забавно искуство“, искрен е Ris Flower.

„Верувам дека имаме одлична песна која е уникатна. Песна која се издвојува и песна која може да ѝ донесе победа на Македонија. Верувам и во продуцентскиот тим од Турција кој веќе има искуство со нивната претставничка Сертеб Еренер која победи на Евровизија. Имаме многу адути за одлична презентација на Македонија. И секако верувам во себе дека гордо и достоинствено ќе ја претставам мојата земја“, вели Ris Flower на прашањето зошто да гласаме токму за него.

Ќе победе ли Ris Flower победник во овој тесен круг?

„Јас знам дека имам одлична песна. Кој ќе биде победник, на крај ќе одлучат жирито и оние кои ќе гласаат“, заклучува пејачот.

Yon Idy - „Dreams“

„Песната ја напишав поведен од лично искуство и доживување. Во рефренот се зборува за сон во кој сум бескрајно среќен со мојата поранешна љубов, а во строфите се враќам во суровата реалност. Кога првпат го слушнав крајниот производ, си помислив дека ова е можеби најдоброто и најискреното нешто што излегло од мене досега“, започнува Јон Ајди.

„Постојано добивам огромна поддршка од гласачите на кои им се допаѓа мојата песна. Голем дел од нив конечно дознаа дека сум од Македонија. Мило ми е што ја препознаваат емоцијата во мојата музика, зашто тоа е најважна инспирација за творење, за музицирање“, признава Јон Ајди.

Зошто да гласаме за Јон Ајди?

„На Евровизија секоја година се појавуваат многу песни со сличен стил, налик оние кои победиле претходните години. Мојата песна е поразлична и излегува од тие рамки, доволно за да биде препознаена како таква“.

Ќе нè претставува ли токму тој на овогодишниот Евросонг?

„Да бидам искрен, многу би сакал јас да бидам тој што ќе ја претставува Македонија на овогодишната Евровизија. Свесен сум за одговорноста што ја носи таа улога и затоа и сериозно пристапувам кон сето ова. Се надевам дека гласачите ќе гласаат за Dreams и ќе ми помогнат да го остварам својот сон“, заклучува пејачот во интервју за Точка.

Автор: Цеце Николова




Спонзорирани линкови

Маркетинг